Здравје
Од што се може да ве заболи?

12 најчести причини за главоболка

22. декември 2011 - 8:45 |

Доколку главоболката често ви е „другар“ кој ве „пинга“, прочитајте ги најчестите причини за нејзиното појавување, како и што можете да направите превентивно во врска со неа.

Вашиот претпоставен
Да, од вашиот шеф може буквално да ве заболи глава. Со секое подигнување на нивото на стрес, вашиот организам станува подложен на тензиона главоболка или мигрена.

Жештинa
Како што растат температурите, растат и шансите за главоболки. Според една скорешна студија, со секои покачени 3 степени целзиусови, ризикот за главоболка се зголемува за 7.5 проценти.

Силни мириси
Покрај непријатните јаки мириси, дури и убавите парфеми можат да предизвикаат силна главоболка. Најчесто оние кои страдаат од главоболки реагираат на мирис од бои, прашина, парфеми, цвеќиња итн. Зошто мирисите толку силно го стимулираат нервниот систем е сеуште недоволно познато во науката.

Додатоци за коса
Вашата глава страда на сметка на фризурите. Собраната и силно затегната коса на темето го истегнува сврзното ткиво на черепот и може да резултира со главоболка. Затегнати плетенки, ластици и тесни шешири го даваат истиот ефект. Доколку почувствувате болка, ослободете ја косата за моментално опуштање.

Физички вежби
Исцрпувачки вежби, вклучувајќи го и сексот, можат да создадат главоболка. Физичкото напрегнување ги набабрува крвните садови во главата и вратот создавајќи висок притисок. Кај оние чувствителни на главоболки, највообичаени примери се главоболките по џогинг или секс.

Неправилно држење на телото
За подигнување на тензијата во главата и вратните мускули, не е потребна ни капка пот. Доволно е што седите згрбавени над вашата работна маса. Со свиени рамена, седнати на стол без удобна потпора, зјапајќи во монитор кој е превисоко или прениско поставен и држејќи телефон помеѓу увото и рамото сте на сигурен пат до тензиона главоболка. Доколку навистина патите често од ваков тип на главоболка, би било најдобро да го измените својот работен простор.

Сирење
Бело, биено, фета, моцарела, пармезан, сите сирења содржат состојка наречена тирамин, која е главниот виновник за главоболките. Тираминот се создава при распаѓање на одреден тип на протеини, па колку е постаро сирењето, толку повеќе содржи тирамин.

Црвено вино
Покрај старото сирење, непријателскиот тирамин се содржи и во црвеното вино. А како што алкохолот го забрзува крвотокот до мозокот, последиците се уште пострашни. Доколку страдате од главоболки како последица на црвено вино, а сте голем негов љубител, консултирајте се со вашиот лекар во врска со превентивен лек.

Сувомеснати производи
Доколку сте склони на главоболки, мезето од сувомеснати производи прецртајте го два пати од листата на вашите оброци, бидејќи не само што припаѓа на листата на продукти со тирамин, туку и додатно содржи нитрати. Овие адитиви кај некои луѓе делуваат така што го зголемуваат крвотокот до мозокот. Тоа резултира со болка која се чувствува симетрично од двете страни на главата (за разлика од класичната мигрена која се јавува исклучиво на едната страна).

Прескокнување оброци
Главоболките предизвикани од глад не се многу очигледни, бидејќи започнуваат пред да почувствувате дека сте гладни. Проблемот е во пад на шеќерот во крвта. Но, не мислете дека ќе го решите овој проблем ако посегнете по чоколадо. Во овој случај по наглото внесување шеќер, тој потоа може да падне уште пониско.

Цигари
Веќе е доволно познато дека пушењето предзвикува главоболки, меѓутоа не само за оние кои ја држат цигарата. Чадот од цигарите содржи никотин, кој ги стеснува крвните садови во мозокот. Доколку се откажете од цигари или пак, ако не сте пушачи успеете да го избегнете изложувањето на штетниот чад, би си помогнале значително во спас од кластер главоболките. Тоа се екстремно силни еднострани главоболки кои се појавуваат на повеќе места одеднаш.

Кофеин
За оние кои страдаат од главоболки, кофениот е една од оние супстанци кои или се консумираат премногу, или сосема се отфрлаат. Во умерени количини, кофеинот често се покажува како корисен, всушност се содржи и во медикаменти против главоболка. Но, претерувањето води до спротивниот ефект. Доколку се сметате за зависни од кофеин, не е препорачливо да престанете нагло со негово внесување. Откажувањето од кофеин е уште еден причинител на главоболка.

Превенција

Доколку можете да ги согледате причинителите на вашите главоболки, би можеле успешно да се решите од нив. Водењето евиденција на внесена исхрана, стресни ситуации, климатски промени и физичка активност може да помогне во лоцирање на факторот кој вам ви влијае врз создавање главоболки.

Многу луѓе се справуваат со главоболките на тој начин што успеваат да се контролираат при изложеност на стресни ситуации. Иако неможете да влијаете врз она што се случува однадвор, можете свесно да ја контролирате вашата реакција на тие ситуации. Во прилог на тоа влегува медитација, масажа и останати техники на релаксација. Во меѓувреме обрнете внимание и на воспоставување навики за правилно држење на телото.

Умерената физичка активност претставува големо ослободување на стресот. Пешачењето е еден од најдобрите одбрамбени механизми против главоболката, бидејќи нишањето на рацете додека пешачите ја ослободува напнатоста во вратните и рамените мускули.

Со јадење на редовни оброци се одржува нивото на шеќер во крвта и со тоа се елиминираат главоболките предизвикани од глад. Исто така внесувањето доволно течности е сигурен знак за избегнување на една од вообичаените главоболки предизвикани од дехидратација.

Нестероидните антиинфламаторни лекови (НСАИЛ), како аспирин или ибупрофен се ефективни против разни типови на главоболки. Но континуирано примање на овие лекови води до реакција на организмот така што болката повторно се јавува штом помине дејствувањето на лекот.

При секоја нова силна главоболка која трае повеќе часови, консултирајте се со лекар. Важно е да ја споделите евиденцијата на вашите главоболки со лекарот, за да би се откриле причинителите. Доколку болката е проследена со парализа, треска или вкочанет врат, веднаш побарајте помош.

Извор: За Здравје

Коментирај