Стил

25 години подоцна - Елизабет Харли повторно блесна во Versace фустанот со безопасни

26. март 2019 - 17:08 | А.С.

Актерката Елизабет Харли во 1994 година се прослави со фустан што остана запаметен до ден-денес.

Станува збор за црниот фустан на Versace со големи златни безопасни што ги спојуваа провокативните отвори, а убавицата го носеше на премиерата на филмот „Four Weddings and a Funeral“ каде се појави со тогашното момче Хју Грант кој беше ѕвездата на филмот.

Со овој фустан таа влезе во историјата, а модната куќа Versace во една од своите последни колекции покажа модерна верзија на фустанот што на годинашното доделување на наградите Греми го носеше поп-ѕвездата Дуа Липа.

Елизабет реши да позира во новата верзија на легендарниот фустан за списанието Harper's Bazaar и 53-годишната убавица уште блеска и изгледа заводливо и 25 години подоцна.

Во интервју за списанието таа открива дека пред 25 години не очекувала таква реакција на фустанот во јавноста и ја раскажува приказната за тој моден избор.

„Итно ми требаше фустан за премиерата на Хју и тогаш не знаев ништо за мода. Добив број од една ПР агенција што се понуди да ме облече. Се сеќавам дека ми го дадоа во бела најлонска кеса. Го однесов дома, сама се нашминкав и си ја направив косата додека се туркавме со Хју пред едното огледало во нашиот мал еднособен стан. Тоа не беше воопшто гламурозно“, раскажа Харли, а останатото е историја.

Коментирај