МК сцена

40 години од Бијело Дугме: Горан Бреговиќ и Ален Исламовиќ на 7 ноември во Скопје

15. септември 2014 - 10:53 |

По повод 40 години од Бијело Дугме, а во склоп на нивната светска турнеја „КО НЕ ПОЛУДИ, НИЈЕ НОРМАЛАН”,  Авалон Продукција ќе биде организатор  на големиот славенички концерт на  Горан Бреговиќ, придружуван од “Оркестар за свадбе и сахране” и Ален Исламовиќ како специјален гостин.

Авалон Продукција со задоволство прифати  да го работи овој проект, ако се земе предвид  дека Скопје беше избегнато, кога пред 9 години се собра “Бијело Дугме”и кога имаше само три концерти во Сараево, Загреб и Белград.

На оваа турнеја ќе бидат изведени сите најголеми хитови на “Бијело Дугме” од нивните 9 албуми.

”Кад би био Бијело Дугме”, ”Селма”, ”Не спавај мала моја”, ” Пристао сам бићу све што хоће”, ”На задњем седишту мога аута”, ”Ружица си била”, ”Падају звезде”, ”Лоше вино”, ”Битанга и Принцеза”, ”Сањао сам нођас да те немам”, ”Липе цвату”, ”Тако ти је мала моја кад љуби босанац”, ”Хајдемо у планине”, ”Има нека тајна веза”... ова е само дел од репертоарот на најпродаваниот, најнаградуваниот и најслушаниот бенд на целиот Балкан на сите времиња.

Ален Исламовиќ за овој голем спектакл изјави:

„Многу ми драго што повторно со Горан ќе застанеме на бина како во далечната 1989. Ќе ги свириме и пееме сите најубави песни на Бијело Дугме и заедно со нашите фанови да го прославиме 40-годишниот роденден на бендот. Јас како последен пејач на Дугме и тогаш ги пеев сите песни, можам и денес. Секако тоа ќе бидат концерти полни со многу носталгија, тага и среќа. На концертите ќе не прати „Оркестар за свадбе и сахране”, но во еден модерен манир. Сакам да ја искористам оваа прилика и да ги повикам сите генерации да ни се придружат заедно да го прославиме овој голем јубилеј ”.

Деталите околу продажбата и цената на влезниците за овој спектакл, што ќе се одржи на 7 ноември во салата Борис Трајковски, ќе бидат објавени во наредните неколку денови.

Коментирај