Кошаркарите на МЗТ загубија од Будуќност 68:72, во последниот натпревар кој се одигра во рамките на 23. коло, во АБА лигата. МЗТ, во последните три кола ќе се бори за опстанок во лигата, додека Будуќност и математички ја обезбеди првата стартна позиција пред почетокот на плејофот.
МЗТ одлично влезе во мечот, првиот период го реши со 25:15, Будуќност успеа да се врати во вториот период со серијата од 4:15, да го преземе водството (29:32) и од тој момент до крајот екипите се менуваа во водство.
На крајот пресуди искуството на гостинските играчи, откако МЗТ во последната минута влезе во предност од два поени и напад, но до крајот Будуќност постигна шест, а МЗТ ниту еден поен.
Дреновац со 15 и Стојановски со 11 поени го предводеа тимот на МЗТ, додека Драгичевиќ со 17 поени беше најефикасен во гостинскиот тим.
Во наредното коло, во петок, МЗТ ќе гостува во Задар.