Доколку регионалната кошаркарска лига се игра и наредната сезона, место во неа ќе има и за МЗТ Скопје, откако „металците“ во клучниот меч го совладаа Тајфун 77:70.
Кошаркарите на македонскиот шампион не одиграа добар натпревар, но ја остварија целта и на коло до крајот во АБА конкуренцијата изборија опстанок.
Лошата игра во одбраната му создаде големи проблеми на МЗТ во првото полувреме. Гостите со исклучок на првите пет минути, успеваа во намерите да постигнуваа лесни поени.
Македонскиот шампион по првиот дел имаше негатива од шест поени 39:47.
МЗТ во второто полувреме успеа да воспостави контрола под обрачите и трпеливо започна да ја топи негативата. Во финишот на третиот период МЗТ поведе со 60:57, а во 33.минута стигна до 68:60, предност која беше недостижна за шампионот на Словенија.
Марко Луковиќ со 19, Дреновац со 15 и Стојановски со 14 поени го предводеа МЗТ до клучната победа во сезоната. Во последното коло македонскиот шампион ќе гостува кај Цедевита.