Македонија

Ахмети: Можни се сите опции, дури и нови избори

11. јануари 2017 - 10:09 | Макфакс

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети во вчерашно интервју за ТВ 21 порача дека во однос на формирањето на новата влада и улогата на неговата партија во ова, можни се сите опции, при што не исклучува ниту одржување на нови избори.

„Пред да почнат преговори со ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде завршена анализата за тоа во каков правец ќе оди ДУИ и какви позиции ќе има: дали ДУИ ќе влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, дали со СДСМ, дали ќе излезе со понуда за техничка, таканаречена проширена влада како што имавме до 11 декември 2016, или пак можеби ДУИ ќе донесе одлука да биде во опозиција. Сите овие опции се отворени“, изјави Ахмети, пренесува Deutsche Welle.

Ахмети не сакал да ги коментира предизборните реторики на двете најголеми македонски партии, додавајќи дека нема да биде адвокат ни на едната, ни на другата партија.

„Не верувам во тоа што е кажано само за дневно политички поени. Јас добро ги познавам и двете страни, и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие воопшто не се разликуваа кога стануваше збор за третирање и унапредување на албанските прашања. Ние не бараме ни повеќе ни помалку од она што е предвидено со Охридскиот договор, кој наложува употреба на албанскиот јазик, а овој договор се одразува врз Уставот на РМ“, рече Ахмети.

Запрашан дали може да има последици и од коалицирање на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети одговори дека за последиците не може да се оцени денеска, бидејќи тие ќе можат да се видат во иднина.

„Во ДУИ нема ни ‘за’ ни ‘против’ за ниту една страна. На масата се ставени опциите за тоа ако влеземе во коалиција со едните или другите и кои би биле главните начела, а не за условувања“.

Според лидерот на ДУИ, јазичната рамноправност, како што пишува во декларацијата меѓу политичките партии, е неопходност, и е момент за затворање на тоа поглавје од Рамковниот договор, бидејќи сите други прашања во него – се прашања кои се во корист на целата држава. Тој додаде дека досега немало никакви официјални преговори ниту со ВМРО-ДПМНЕ ниту со СДСМ, и дека сите информации на таа тема се невистинити.

Коментирај