Македонија

Ахмети по средбата со Заев: Продолжуваат консултациите со експертите за јазикот

22. февруари 2017 - 8:30 | Макфакс

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во кусата изјава за медиумите по двочасовната средба вчера вечерта во партиското седиште во тетовска Мала Речица со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кажа дека меѓу двете партии постојат разлики околу употребата на албанскиот јазик, но оти тие разлики не биле многу големи.

„На средбата не разговаравме за потписи, туку за разликите кои ги имаме со СДСМ. Наскоро ќе свикам централно претседателство на коешто ќе биде донесена одлука дали ќе ги дадеме потписите на СДСМ за составување нова влада“, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети алудирајќи на потписите со кои ќе се докаже дека обезбедил поддршка од мнозинството пратеници коишто челникот на социјалдемократите Зоран Заев треба да ги достави до шефот на државата Ѓорге Иванов за да го добие мандатот за составување на нова влада повеќе од два месеца по завршувањето на предвремените парламентарни избори на 11 декември.

СДСМ има 49 мандати, и покрај потписите на другите албански партии, неопходни се десетте пратеници на ДУИ за обезбедување сигурна поддршка за составување влада.

Двајцата челници на партиите кои беа во владејачка коалиција во периодот од 2002 до 2006 година, како што беше претходно најавено, разговарале за разликите коишто постојат меѓу СДСМ и ДУИ.

Ахмети повторно истакна дека наскоро ќе го свика Централното претседателство на партијата, на коешто ќе биде донесена конечната одлука дали ќе му се дадат потписите на СДСМ за состав на нова влада.

Според Ахмети, официјалната употреба на албанскиот јазик во земјата е загарантирана со Уставот на Република Македонија, па тој го искористи тоа право и пред новинарите зборуваше на албански јазик, додека двојазичноста „ја покажал на дело“ на средбата со Заев со кого, како што рече, одговарајќи на новинарско прашање, зборувал на македонски.

За Ахмети генерално нема многу разлики меѓу платформите на ДУИ и СДСМ, заклучи по средбата со Заев во Мала Речица

Претходно, Заев рече дека е оптимист дека преговорите за добивање потписи а со тоа и мандатот за формирање на владата ќе завршат деновиве.

„Се надевам дека овој преговарачки процес ќе заврши набрзо. Јас сум оптимист. Некои работи ги расчистивме со господинот Ахмети. Се надевам дека и нашите стручни тимови ќе го доловат духот во кој ние разговаравме за да можат да изнајдат решенија во рамките на Уставот, да најдеме решение што ќе има практична примена и ќе го олесни животот на граѓаните од албанска националност“, рече претходно Заев по средбата со Ахмети.

Коментирај