Интернет

Ако ги имате овие лозинки на социјалните мрежи, веднаш променете ги

22. април 2019 - 15:26 | Б.С.Б.

Британскиот Национален центар за сајбер безбедност утврди дека корисниците на своите интернет профили најчесто користат лозинки од низа броеви како 123456, што воедно и најлесно се открива, пренесува BBC.

Дури и кога станува збор за профил на електронска пошта која не се користи или не е важна може да им биде важна на хакерите. Благодарение на информациите од мејлот хакерите можат да ги откријат лозинките од другите профили и да ги злоупотребат, стои во најновото истражување на Британскиот центар. Целта на истражувањето е подигање на свеста и едукација на корисниците за што подобро да ги заштитат личните податоци.

Истражувачите ги анализирале сите компромитирани профили за да утврдат кои зборови, фрази и низи најчесто се појавуваат во лозинките. На врвот на листата е низата 123456, пронајдена во 23 милиони лозинки. На второто место е низата 123456789, која воопшто не е тешка за дешифрирање. Меѓу првите пет се и „qwerty“, „password“ и 111111.

Британците многу често како лозинки ги користат имињата на нивните омилени фудбалски клубови, на така на листата се најдоа Ливерпул и Челзи.

Експертот  за сајбер безбедност, Трој Хант, напоменува дека изборот на добра лозинка е најголемата заштита што можеме себеси да ја обезбедиме.

Истражувачите направиле и анкета за тоа какви се безбедносните навики и стравови на корисниците. Утврдено е дека 42 проценти од луѓето стравуваат дека ќе останат без пари поради онлајн измама, а 15 проценти мислат дека доволно знаат да се заштитат на интернет.

Коментирај