Прес-конференција по полноќ одржа Левица на која говореше професорот Димитар Апасиев, кој најави дека со нивните борбени пратеници ќе направат пекол во собранието.
Левица освои 6 пратенички мандати, а до завршување на пребројувањето во игра е и за седми пратеник и тоа како втор во ИЕ2.
„Прва пратеничка група на Левица, прва жена пратеничка на Левица Во двојката се бориме за уште еден пратеник, 200-300 гласа се во прашање. Она што се залагавме, тоа ни успеа. Го пасокизиравме СДС, ја кутнавме црвената буржоазија, што ни беше детски сон уште од транзицијата, на под 20 пратеници, што не го ни сонувавме“, рече видно расположениот Апасиев.
„Друга наша победа: и покрај сета наша маргинализација, а фаворизација на Максо, го преполовивме проектот на ЗНАМ на пола од претседателските избори, што покажува дека овој изборен систем повторно нѐ краде, затоа што некаде го водиме за 4 илјади гласови, а имаме исто пратеници. Тоа ќе биде првото барање на Левица, воведување на една изборна единица“, меѓудругото порача Апасиев.
„Одеме пет пати појако од сега, затоа што секој наш пратеник вреди колку 10 нивни. Нека знаат дека ги чека пекол во собрание со нашите брбени пратеници“, заврши тој.