Македонија

Апелација ги разгледува жалбите на осудените за „Диво насеље“

17. мај 2019 - 8:54 | МИА

Скопје, 17 мај 2019 (МИА) – Во Апелацискиот суд во Скопје денеска продолжува јавната седница на која треба да бидат разгледани жалбите на 33-та осудени лица за крвавата престрелка во кумановско „Диво насеље“ во мај 2015 година, во која животот го загубија осум припадници на македонските безбедносни сили и десет членови на вооружената група, а 30 лица беа ранети.

Јавната седница вчера почна тензично откако дел од обвинетите станаа и со погрдни зборови кон судот побараа да ја напуштат седницата, бидејќи како што рекоа на албански јазик не го прифаќаат судот и бараат меѓународна истрага.

На седницата присуствуваа само тројца од обвинетите откако останатите доброволно ја напуштија седницата.

Според пресудата на Основниот суд Скопје 1 од 2 ноември 2017 година за терористичкиот напад на 9 и 10 мај 2015 година осудени беа 33 лица.

Седуммина од обвинетите добија доживотен затвор, 13 беа осудени на по 40 години, шестмина на 20 година, еден на 18, двајца добија по 14, други двајца по 13, а уште двајца беа осудени на по 12 години. Четворица добија ослободителни пресуди. Обвинителството тогаш бараше доживотен затвор за сите.

Коментирај