Концепти

Apple објави дека планира да инвестира во производство на автомобил со автопилот

5. декември 2016 - 9:23 | Д.П.

Apple за прв пат призна дека планира да вложи во автомобил кој ќе има автопилот, откако компанијата во своето писмо до транспортните регулатори навела дека е возбудена поради автономните системи во многу области, вклучувајќи го и превозот.

Во компанијата сметаат дека општествените предности од автономните возила наскоро ќе станат јасни. Apple веќе регистрираше неколку интернет домени поврзани со автомобилите како што се apple.car и apple.auto.

Во писмото од пет страници, директорот за производи Стив Кенер, ја повиква националната администрација (NHTSA - National Highway Traffic Safety Administration) да не воведува премногу правила за тестирање на автопилотот, наведувајќи дека постоечките и новите производители треба да бидат еднакво третирани.

Кенер предложува компаниите да ги делат податоците за несреќите и пропустите за да се направи целосна листа за секоја компанија, а со тоа да се овозможи и дизајнирање и развивање на подобри системи. Сепак, дополнува дека приватноста на компаниите не би требало да биде загрозена поради споделувањето на таквите податоци.

Google веќе тестира автомобили со автопилот. Tesla Motors во октомври најави дека сите негови автомобили ќе имаат инсталиран хардвер за да бидат подготвени за автономно возење.

 

Коментирај