Хардвер

Apple тестира нов гаџет

21. ноември 2016 - 11:12 | Д.П.

Според актуелните гласини, Apple работи на сосема нов гаџет кој би требало да се појави во 2018 година. По релативно скромниот успех со паметниот часовник, компанијата сега работи на втор сосема нов производ во ерата по Стив Џобс.

Станува збор за паметни очила за „надополнета“ реалност (augmented reality) на кои ќе може да се прикажуваат најважните информации од iPhone. Слично решение пред неколку години претстави и Google, но интернет гигантот подоцна се откажа од идејата и од развојот на Google Glas.

Според шпекулациите Apple веќе има набавено мали екрани што ќе ги тестира во следните месеци и ќе донесе одлука за продолжување на проектот или пак за откажување од него. Bloomberg пишува и дека во следните две години, процесорите, батериите и останатите компоненти веројатно нема да бидат доволно мали и силни за да може да се вградат во вистински употребливи и доволно компактни очила.

Тим Кук досега неколку пати зборувал за тоа дека надополнетета реалност му е интересен концепт, а во таа насока Apple веќе презема неколку компании што ја развиваат оваа технологија.

Business Insider пишува дека ако развојот на оваа технологија биде прифатен, Apple прво ќе ја интегрира технологијата во камерата на iPhone, а потоа ќе лансира очила со поддршка за AR. Главната цел ќе биде целосна интеграција на паметните очила со паметните телефони и нивните камери.

Коментирај