Хроника

Азири негира вмешаност во петкратното убиство

10. јануари 2013 - 12:53 | Макфакс

Обвинетиот Хаки Азири, кој првично беше заштитен сведок за случајот „Монструм" и пред Истражниот судија рече дека на денот на убиството ги возел обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои му кажале дека убиле човек, се откажа од изјавата и негираше каква и да е поврзаност со петкратното убиство.

„Не ги прифаќам наводите во обвинението против мене. Изјавата пред истражен судија не сум ја дал по своја волја. Имав притисок. Се плашам за својот живот", рече Азири.

Тој тврди дека не е точно дека на тој ден учествувал во какво и да е убиство. За себе вели дека не е криминогена личност и никогаш во животот немал проблеми со полицијата. Рече дека се грижи единствено за неговото деветчлено семејство и немал време да размислува за какво било убиство. Во времето кога се случило убиството, тврди Азири, бил на гости кај неговиот братучед, Џевад Азири, во скопската населба Гази Баба, каде што бил и неговиот братучед, еден од обвинетите, Алил Демири.

Негираше дека на денот на убиството ги возел Алил Демири и Африм Исмаиловиќ и дека имал каков и да е контакт со Агим Исмаиловиќ.

Во врска со локацијата на убиството, Смилковското езеро крај Скопје, вели дека можеби бил некогаш таму, кога неговиот чичко Фејзи Азири зел под концесија дел од парцелите кај ова езерце.

Пред судот Азири рече дека кога бил приведен му се заканиле дека ако не каже дека Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се убијците, ќе биде осуден на 20 години затвор. Тврди дека еден од инспекторите му рекол дека тој лично ќе го застрела.

Инаку, Азири пред Истражниот судија рекол дека на денот на убиството околу 20 часот на обиколницата на Качанички пат со автомобил ги чекал да дојдат обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се товарат дека се извршители на убиството. Двајцата обвинети дошле на местото кадешто ги чекал, излегле од возилото „Опел Омега", со темно црвена боја, и влегле во неговото возило. Кога ги прашал кај да вози, тие му рекле да вози во неговиот дом и му кажале дека убиле човек.

Не му е познато каде потоа отишле обвинетите, а според неговата изјава, тој околу 23 часот отишол во домот на неговиот братучед Џевад Азири, кадешто бил и обвинетиот Алил Демири.

Хаки Азири е единствениот од обвинетите кој се товари за помагање тероризам.

Коментирај