Кошарка

Батлер го поништи учинокот на Дерозан и Лаури

8. јануари 2017 - 12:09 | Макфакс

Седум натпревари се одиграа во НБА лигата, во дербито Чикаго го совлада Торонто. Ноќта во најсилната кошаркарска лига во светот ја одбележаа неколку брилијантни индивидуални оставрувања, пред сите на Џими Батлер, Расел Вестбрук, Демар Дерозан, Ентони Дејвис, Ајзеа Томас.

Чикако успеа да ја стигне предноста на Торонто од 19 поени и да забележи победа по едно продолжение 123:119. Натпреварот во регуларниот дел заврши со резултат 107:107. Џими Батлер со 42 поени и 10 скока го предводеше победникот. На спротивната страна блескаа Дерозан со 36 поени, односно Кајл Лаури со 27 поени, 12 асистенции и 9 скокови.

Оклахома славеше над Деневер 121:106, а Вестбрук го забележа својот 16-ти трипл дабл во сезоната. Вестбрук имаше учинок од 32 поени, 17 скокови и 11 асистенции.

Бостон го победи Њу Орлеанс 117:108. Ајзеа Томас уфрли 38 поени за победникот, додека Ентони Дејвис кај поразениот тим оствари 36 поени и 16 скокови.

На другите натпревари, Индијана славеше над Њујорк 123:109, Јута победи кај Минесота 94:92, Далас загуби од Атланта 82:97, а Сан Антонио лесно го совлада Шарлот 102:85.

Коментирај