Кошарка

Батлер постигна 52 поени, нов трипл дабл на Харден

3. јануари 2017 - 11:01 | Макфакс

Нов трипл дабл на Џејмс Харден, „дабл-дабл“ со 52 поени на Џими Батлер, поразот на Оклахома и триумфот на Голден Стејт ги обележаа натпреварите кои во НБА лигата се одиграа во текот на изминатата ноќ.

Џими Батлер блескаше во триумфот на Чикаго над Шарлот од 118:111. Крилниот играч постигна 52 поени, на кои придодаде 12 скокови и шест асистенции и во целост го засени учинокот на Кемба Вокер, кој за Шарлот постигна 34 поени.

Хјустон го совлада Вашингтон со 101:91. Тимот го предводеше Џејмс Харден со трипл дабл од 23 поени и по 10 скокови и асистенции, а најефикасен со 31 поен беше Ерик Гордон.

Голден Стејт во ефикасен натпревар славеше над Денвер со 127:119. Трипл дабл забележа универзалецот во редовите на Голден Стејт, Дрејмонд Грин (15 поени, 13 асистенции, 10 скокови), а најефикасни беа Клеј Томпсон со 25, Стеф Кари со 22 и Кевин Дурант со 21 поен. Денвер го предводеше Никола Јокиќ со 21 поен, 13 скокови и пет асистенции.

Кливленд со добра игра во одбраната во последната четвртина успеа да го скрши отпорот на Њу Орлеанс. Леброн Џејмс постигна 26 поени во триумфот на Кливленд 90:82, а на другата страна Ентони Дејвис забележа 20 поени и 17 скокови.

Расел Вестбрук постигна 30 поени, но Оклахома загуби од Милвоки 94:98. Милвоки го предводеше Јанис Адетокумбо со 26 поени и 10 скокови.

Орландо победи во Њујорк 115:103, додека Јута го совлада Бруклин 101:89.

Loading the player...

 

Коментирај