Бизнис

Битолската млекара добива газди од Холандија

2. февруари 2012 - 15:11 | Макфакс

Холандската компанија „Ројал Фрисланд“ денеска објави дека ќе ги купи српските компании “Имлек Белград“ и „Млекара Суботица“, кои сега се во мнозинска сопственост на фондот „Салфорд“.

Српската компанија „Имлек“ во 2007 година за 27 милиони евра  го презеде управувањето со битолската млекарница, која е најголема млекарница во Македонија.

Како што јави Танјуг, „Фрисленд“ и „Салфорд“ потпишале Меморандум за разбирање за аквизицијата на компаниите “Имлек Белград“ и „Млекара Суботица“, што на холандската компанија ќе и овозможи влез во југоисточна Европа.

Обете компании делуваат како независни производители на млеко и млечни производи на подрачјето на западен Балкан, при што опслужуваат пазар од 25 милиони потрошувачи, а остваруваат годишен приход од околу 270 милиони евра.

Компаниите заедно имаат 1.470 вработени во шест производни погони и четири канцеларии во Србија, Босна и Херцеговина и Македонија, пишува Танјуг.

По аквизицијата, се најавува дека бројот на вработените во регионот ќе се зголеми на 3.900, а бројот на погони за преработка на млеко ќе се искачи на 14.

Вкупната сума на аквизицијата не е објавена. Салфорд поседува 79 отсто од акциите во Имлек и 82 отсто во суботичката млекарница.

Коментирај