Обемот на стоковна размена на Македонија во периодот јануари - декември 2009 година е за 28,6 отсто помал од обемот на размена во истиот период од 2008 година.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во овој период изнесува 2.691,528 илјади долари, а на увозот 5.043,115 илјади американски долари. Покриеноста на увозот со извоз е 53,4 отсто. Трговскиот дефицит, пак, изнесува 2.351,587 илјади американски долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на производите од железо и челик (валани производи), облеката, фероникелот и преработките од нафта, а во увозот најмногу е застапена суровата нафта, електричната енергија и моторните возила за превоз на лица.
Најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите - членки на Европската унија - 56,2 проценти и земјите од Западен Балкан со 37,2 проценти. Во увозот на стоки најголемо учество повторно имаат земјите од ЕУ, како и земјите во развој со 26,7 проценти.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Србија, Грција, Италија и Русија, односно 45,6 отсто од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие земји.