Авто новости

BMW ќе прави дизел возила уште 20 години

27. јуни 2019 - 20:52 | А.С.

Клаус Фролих, член на управниот одбор на BMW, смета дека дизел моторите ќе се користат во автомобилската индустрија најмалку до 2040 година, а бензинците до средината на овој век.

Во екот на трката за еликтрификација, на настан на кој BMW го претстави својот хибриден концепт со 600 коњски сили  - Vision M Next – тема на разговор беше и одржливоста на дизел автомобилите.

Во BMW планираат до 2023 година да имаат најмалку 25 електрифицирани модели, од кои повеќето ќе имаат М ознака, но тоа не значи дека Баварците целосно креваат раце од моторите со внатрешно согорување.

„Јасно е дека наскоро ќе се откажеме од одредени бензински и дизел мотори, бидејќи нивното прилагодување на сѐ построгите еколошки норми е апсолутно неисплатливо. Но, целосното преминување на струја не е така едноставно како што на многумина им се чини, па и неколку наши мотори со внатрешно согорување уште долго време ќе бидат во понудата. Очекувам дизел моторите да траат уште 20 години, а бензинците ќе се задржат до 2050 година“, рече Фролих.

Поради еколошките норми, BMW полека исфрла некои агрегати од својата понуда, па така наскоро нема да може да се купи Серија 7 со 6,6-литарски W12 мотор од 600 коњски сили, а слична судбина ќе го снајде и 4,4-литарскиот V8.

Коментирај