На „Зигнал Идуна Парк“ чекаат многу долго кога е во прашање Лигата на шампионите. Трофејот во елитното европско натпреварување го освоија во 1997 година и тоа беше единствениот пат кога Борусија беше на врвот на Европа. Се чинеше дека ќе можат да го повторат тој успех и во 2013 година, но на „Вембли“ подобар од нив беше големиот ривал Баерн.
Вечерва од 21:00 часот на „Паркот на принцовите“ против Пари Сен-Жермен ќе бараат пласман во финалето, првпат по 11 години и таа лондонска вечер кога беа поразени од Баерн. Избраниците на Един Терзиќ имаат минимална предност од првиот меч и ги очекува исклучително тешка задача против скапите ѕвезди од главниот град на Франција. „Милионерите“ од Дортмунд изминатиов викенд го совладаа Аугсбург со 5:1 и со тоа максимално ја напумпаа самодовербата пред полуфиналниот реванш.
„Потребно ни е само нерешено, но ќе одиме на победа. Сигурен сум дека ПСЖ ќе биде подобар отколку во Дортмунд, па навистина ќе мораме да се издигнеме за да стигнеме до финалето“, изјави Терзиќ.
Од друга страна, самодовербата нема да му недостига ниту на ПСЖ. Избраниците на Луис Енрике неодамна по трет пат по ред станаа шампион на Франција и круна на добрата работа на шпанскиот стручњак би бил трофејот во Лигата на шампионите. „Светиот грал“ по кој парижаните трагаат откако беа преземени од нивните катарски сопственици. Речиси сигурно во летниот преоден рок ќе останат без Килјан Мбапе, но нема сомнеж дека француската суперѕвезда ќе сака да се збогува со титулата првак на Европа.
„Наша цел е да влеземе во финалето. Свесни сме дека на овој натпревар можеме брзо да постигнеме два гола, но и да примиме. Сепак, на нашите навивачи ќе им кажам само едно: Ќе победиме“, порача тренерот на ПСЖ, Луис Енрике.
Првиот натпревар заврши со резултат 1:0 во корист на Борусија, додека оваа сезона одиграа и два натпревара во групната фаза. Во Германија беше нерешено (1:1), додека ПСЖ на домашен терен победи со 2:0.
Веројатни состави:
ПСЖ: Џиџи Донарума; Ашраф Хакими, Маркињус, Лукас Бералдс, Нуну Мендеш; Варен Заир-Емери, Витиња, Фабиан Руис; Усман Дембеле, Килјан Мбапе, Брадли Баркола.
Борусија: Грегор Кобел; Јулиан Риерсон, Матс Хумелс, Нико Шлотербек, Иан Маатсен; Емре Џан, Марсел Сабитцер; Карим Адејеми, Јулиан Брант, Џејдон Санчо; Никлас Филктуг.
Италијански судии
Правдата ќе ја дели Даниеле Орсато од Италија, а ќе му помагаат сонародниците Чиро Карбоне и Алесандро Џалатини, додека четврти судија е Давиде Маса. Во ВАР собата главен ќе биде Масимилиано Ирати, а ќе му помага Паоло Валери.
ТВ пренос
Директниот пренос од вечерашниот дуел на двата клуба на територијата на Македонија ќе може да се следи на Arena Premium 1.