Британскиот производител на автомобили ќе ги исклучи погоните во Велика Британија на почетокот на ноември за да се справи со евентуалните последици од излегувањето на Обединетото Кралство од ЕУ без договор.
Во моментов, конечен датум за Брегзит е 31 октомври.
Од компанијата Jaguar Land Rover (JLR) велат дека се принудени да престанат со работа бидејќи немаат друг избор.
„Нам ни се потребни 20 милиони делови дневно за да тече производството според планираното, што значи дека мораме да се договориме со снабдувачите за да ги имаме на располагање сите делови и да ги добиеме навреме“, објаснува директорот на JLR, Ралф Шпет.
Производството ќе биде привремено запрено на една недела во погоните Хејлвуд, Касл Бромич и Солихал, каде се произведуваат автомобили, како и во фабриката во Вулверхемптон каде се изработуваат мотори.
Во наведените погони компанијата произведува речиси една третина од сите автомобили произведени во Велика Британија, вклучувајќи ги моделите Land Rover Discovery, Range Rover Evoque и Jaguar F-Type.
JLR не е единствената компанија што најави привремен прекин на производството во Велика Британија поради неизвесност околу Брегзит.
Истото претходно го направија и Toyota, која соопшти дека застојот ќе трае само еден ден на 1 ноември, и BMW, која на 31 октомври и на 1 ноември ќе ги исклучи машините во фабриката во Оксфорд каде се произведуваат автомобили од брендот MINI.