Авто новости

Бурни времиња: Каква иднина го очекува Саемот на автомобили во Франкфурт?

16. септември 2019 - 15:36 | А.С.

Првичната возбуда околу новото издание на Саемот за автомобили во Франкфурт што е во тек, веќе спласнува, а и онака не беше на нивото на претходните години.

Веќе видовме кои се најновите трендови, модели, новитети и концепти, барем на оние брендови кои решија да учествуваат годинава.

Германската канцеларка Ангела Меркел во петокот го отвори меѓународниот Саем за автомобили во Франкфурт за јавноста и ги повика производителите да инвестираат повеќе во електрични возила.

„Големата мобилност ќе има своја цена ако не се произведуваат поефикасни, климатски погодни возила“, рече Меркел. Таа истакна дека автомобилската индустрија е соочена со „Херкуловски предизвик“ во обид да се создаде одржлив начин на превоз.

Deutsche Welle објави дека недоверливоста и незаинтересираноста биле очигледни на отворањето на Саемот во Франкфурт.

Традиционалниот саем во Франкфурт лани привлече 1.000 изложувачи, но годинава таа бројка падна на 800, а настанот се одржува во помала хала.

Вниманието на медиумите повеќе е фокусирано на демонстрантите кои протестираат против автомобилската индустрија, отколку на самиот настан внатре.

Публиката годинава ќе види многу помалку имиња од светот на автомобилите. На Саемот во Франкфурт не учествуваат: Alpine, Aston Martin, Citroen, Dacia, DS, Ferrari, Abarth, Alfa Romeo, FIAT, Chrysler, Jeep, како и брендовите на General Motors – Chevrolet и Cadillac, Infiniti, Mazda, Mitsubishi, Nissan, Peugeot, Rolls-Royce, Subaru, Suzuki, Toyota и Volvo.

Што ќе донесе иднината?

Веќе се шпекулира каква иднина го очекува саемот, но едно е сигурно – форматот ќе се менува.

Германскиот весник Handelsblatt објави дека автомобилските производители веќе го критикуваат актуелниот формат, што резултираше со непојавување на погоре наведените брендови. Идниот концепт на саемот би се фокусирал околу технологијата, а помалку околу претставувањето нови модели. Се спомнува и тура низ неколку германски градови.

„Се смени главната причина зошто се важни саемите на автомобили. Во иднина, фокусот ќе биде повеќе на технологијата, а помалку на производот“, вели Николас Петер, финансиски директор на BMW, еден од автомобилските гиганти кои сепак се појавија на настанот, но во помал размер од вообичаено.

Коментирај