Рецензии
Рецензија

„Captain America: Civil War“ – Најверојатно најдобриот суперхеројски филм досега

17. мај 2016 - 12:54 | Ивана Милосковска

Живееме во време кога суперхеројските филмови се најголемите блокбастери во светот, па затоа постојано се екранизираат нови стрипови, со цел да и се даде на публиката она што го бара, а притоа продукциите да заработат милиони. Токму поради ова, поп културата е окупирана со овој жанр, а суперхеројските филмови и серии се секојдневие, па некои ќе речат дека стануваат досадни. Но тоа дефинитивно не може да се каже по гледање на „Captain America: Civil War“, кој растура во кино салите во светот.

Најновото оствaрување на Marvel, го екранизираше еден од најголемите, ако не и најголемиот, (фиктивен) настан во стрип историјата –  Кога разликите помеѓу личните идеали и убедувања ќе направат раздор или цивилна војна меѓу хероите, кои до вчера се бореа рамо до рамо. 

„Captain America: Civil War“ отвора со случка од 1991-та година, кога супер војникот со испран мозок, Баки Барнс, е испратен на мисија за набавување на актовка со серуми за супер-војници како него – што веднаш најавува дека овој лик ќе има клучна улога во филмот. Потоа филмот нè се враќа во сегашно време, кога дел од Одмазниците се на мисија за спречување на напад со биолошко оружје. Како и во повеќето Marvel филмови, aкцијата настапува веднаш и ги гледаме хероите на дело.

Ако обично на претераните акциони сцени во суперхеројските филмови, како рушење облакодери, експлозии, кратери во земја што се гледаат од вселената и слично, вниманието ми е половично на филмот (најверојатно поради недостаток на тестостарон), овде не беше таков случај. Акционите сцени и секоја физичка пресметка и судир беа детално и интересно прикажани, со вешта игра на камерата и огромно посветување на внимание на детали.

Но додека Одмазниците се справуваат со моменталните закани, светот не може да заборави на хаосот и деструкцијата од минатата година во Соковија (дејствијата од  „Avengers: Age of Ultron“) но и секојдневните суперхеројски акции каде страдаат невини луѓе, а колатералната штета измерена во човечки животи е огромна. 

Тука се јавува предлогот што ќе се постави како главен проблем меѓу хероите: Регистрација и регулација на суперхероите од страна на надворешен фактор. Ова ќе предизвика конфликт помеѓу нив, поделувајќи ја групата на два тима. Едните ќе застанат на страната на Капетан Америка, а другите зад Ајронмен.

На едната страна е Капетанот Америка, чиј прогрес и промена во текот на овие три филма е очигледен: Транзиција од послушен патриот во првиот филм, па сè до бунтовник кој стои до своите лични убедувања и својот најдобар пријател Баки, во „Civil War“. А на другата страна е Ајронмен – добропознатиот екоцентичен херој овојпат со навидум нетипична, но оправдана грижа на совест, предизвикана од личните и дејствијата на Одмазниците.

Конфликтот и тензијата помеѓу Ајронмен и Капетанот Америка стануваат поголеми во текот на филмот – секој од нив верува во своето и спремен е да се бори за истото. Сето ова кулминира со бруталната битка меѓу нив, пресметки со неизвесен исход, која несомнено влегува во историјата на најдобрите филмски тепачки.

Кога станува збор за новите ликови и проширувањето на бројот на суперхерои, уште во трејлерите за филмот, добивме претстава каков лик ќе биде Спајдермен, кој за прв пат ја пушти својата пајакова мрежа во кинематскиот универзум на Marvel. Том Холанд, успеа одлично да портретира млад Спајдермен, впуштен во битка меѓу овие спротиставени херои што не ја разбира целосно, но успева да внесе доза хумор во истата.

Како одлично освежување и уште еден нов лик, го гледаме извонредниот Black Panther- суперхеројскиот алијас на африканскиот принц Т’Чала, кој ќе добие свој филм во 2018-та година. Тој, заедно со неискусниот Спајдермен ќе застанат на страната на Ајронмен во оваа војна.

Она што од старт го прави филмот полн погодок, е комбинацијата на два клучни елементи: Групирањето на повеќе познати и помалку познати херои во тимови, ја дава возбудата во филмот што потсетува на „The Avengers“, а добро поткованата приказна исполнета со комплексни ликови и пресврт - како што би очекувале од квалитетен филм за Капетанот Америка. 

Како голем фан на „Captain America: Winter Soldier“, што за мене и многумина беше најдобриот од досегашните суперхеројски филмови на Marvel, фактот што добивме трет филм за Капетанот Америка, што ќе ја обработи оваа важна тема и тоа режирана повторно од браќата Русо, ветуваше многу и постави високи очекувања, кои финално ги достигна и оправда.

„Captain America: Civil War“ е феноменално филмско искуство, собир на херои каков што требаше да биде „Avengers: Age of Ultron“, што прикажа судир на идеали, лични убедувања и кауза, како на емотивен, така и на физички план - како што не успеа доволно во тоа „Batman vs Superman: Dawn of Justice“.

Затоа, „Captain America: Civil War“ е најверојатно најдобриот суперхеројски филм направен досега, кој не смеете да го пропуштите.

Loading the player...

 

Коментирај