Македонија и Хрватска моментално го играат третиот натпревар од групата на СП 2019 во ракомет во Германија и Данска.
Хрватска е фаворит, но Македонија го има неуништливиот Кирил Лазаров, пишува хрватски Index.
Еден од најдобрите голгетери во историјата на ракометот со години соработуваше со Лино Червар, а и ден-денес нивниот однос е полн со меѓусебно почитување.
Пред денешниот натпревар, Червар рече дека Кирил е најдобриот играч што некогаш го тренирал во кариерата.
„Не сакам да издвојувам поединци, но Кирил Лазаров е исклучок. Тој е најдобриот играч кој сум го тренирал во кариерата. Додека кај другите играчи со годините спласнува мотивацијата, кај него расте. Тој секогаш сака повеќе, подобро и има неверојатен победнички менталитет. Многу е талентиран, но неговиот успех е комбинација на пожртвуваност, тренинзи, креативност, трпение и победничкиот карактер. Јас сум неговиот прв странски тренер и го знам од почетоците. Тој е пример за младите играчи како да си ја продолжат кариерата“, рече селекторот на хрватската репрезентација.