Дури и мала количина црвено или преработено месо дневно, како конзервирана шунка или сланина, може да го зголеми ризикот од појава на рак на цревата, покажа едно најново истражување.
Студијата на експерти од Оксфорд што ја финансираше Cancer Research UK во која се вклучени податоци од Светската здравствена организација, нуди нови докази дека внесувањето црвено месо може да биде штетно за здравјето.
Истражувачите ги анализираа податоците на речиси половина милион луѓе кои учествуваа во студијата во Велика Британија. Во текот на шест години тие откриле дека кај 2.609 од испитаниците се појавил рак на цревата.
Консумирањето три парчиња сланина дневно може да го зголеми ризикот од појава на рак на цревата за 20%, а на секои 100.000 луѓе кои јаделе 21 грам црвено или преработено месо дневно, кај 40% била дијагностицирана оваа малигна болест.
Истражувањето за појавата на рак во Велика Британија исто така покажа дека 5.400 од 41.804 луѓе може да се заштитат од рак на цревата ако воопшто не јадат преработено месо.
Public Health England во своите истражувања наведува дека многу луѓе јадат премногу црвено и преработено месо, а стручњаците советуваат луѓето кои јадат ваков вид на храна да најдат начин барем да го намалат количеството.
Министерството за здравје на Велика Британија ги советува граѓаните кои јада повеќе од 90 грама црвено или преработено месо дневно да го намалат барем на 70 грама.
Преработеното месо како шунка, колбаси, виршли и салами е храна што содржи многу соли и конзерванси кои се штетни за организмот.
Се смета дека во хемикалиите за преработка на месото всушност се наоѓа главниот „предизвикувач“ на ракот.
Изложувањето на високи температури, како на пример готвењето на скара, може да ги реактивира канцерогените материи.
Експертите исто така потсетуваат дека говедското, свинското и јагнешкото месо содржат протеини што може да ги оштетат цревата во процесот на разградување.