Регион

Дачиќ: Признавањето на Косово го наруши пријателството меѓу Србија и Македонија

4. јануари 2017 - 10:59 | Макфакс

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ порачал дека се согласува со ставот на македонското МНР дека не треба да се руши пријателството помеѓу Србија и Македонија, но додал оти токму признавањето на Косово од страна на Македонија го нарушило ова пријателство, пренесуваат српските медиуми.

„Треба ли да ги потсетам колегите во Скопје колку Србија вложи во ова пријателство сите овие години, признавајќи ја Македонија под уставното име, ризикувајќи ги своите односи со Грција, иако во ОН и ЕУ се користи името ПЈРМ. Македонија потоа ја призна еднострано прогласената независност на Косово. Колегите во Скопје добро знаат дека лично разговаравме со Груевски и Поповски, но и претседателот Иванов за гласањето во УНЕСКО по приемот на Косово, што за нас е витално и државно и национално прашање. Македонија на крајот гласаше против српскиот став, односно за прием на Косово, односно за оние кои палеа и рушеа српски православни цркви и манастири на Косово“, додал српскиот министер.

Дачиќ потенцирал дека „колегите од Скопје мора да знаат дека тоа го руши пријателството“ меѓу Србија и Македонија. „Тоа е и јасна порака дека албанскиот интерес, или пак нечиј друг интерес, им е поважен од пријателството со Србија. Белград никогаш не направил и нема да направи нешто на штета на Скопје, би сакале да биде и обратно. А ако не е така, тогаш никој нема право да се лути на Србија поради тоа што ги брани сопствените интереси“, додал тој.

Шефот на српската дипломатија додал дека е длабоко уверен во потребата од пријателски односи со Македонија, но дека не може да се преправа дека не видел оти Македонија го признала Косово и дека гласала за прием на Косово во УНЕСКО, додека Србија ја признала Македонија под уставното име, нешто што е најважно државно прашање за земјата.

„Дали е можно Македонија тогаш да не размислила како тоа ќе се одрази на односите со Србија, или тоа не и беше важно, односно беше помалку важно од тоа што ќе речат Албанците и Западот“, запрашал српскиот министер, потсетувајќи дека сега и двете страни треба да се вратат на ставот на македонското МНР и „политичарите да бидат одговорни и да не го рушат пријателството меѓу двете земји“.

Коментирај