Авто новости

Данокот на електричната ера: Ќе згаснат 80.000 работни места во автомобилската индустрија

4. декември 2019 - 13:48 | А.С.

Ова беше една од најлошите години за вработените во автомобилската индустрија ширум светот поради намалената побарувачка и големите промени во технологијата на возила. Илјадници работници ќе останат без работа на сметка на електрификацијата.

Daimler AG и Audi минатата недела соопштија дека планираат да укинат речиси 20.000 работни места, а според податоците што ги објави Bloomberg во наредниве години ќе бидат укинати повеќе од 80.000 работни места.

Ова главно се однесува на Германија, САД и Велика Британија.

Германските компании се приклучија на бранот намалувања на работните места што го почнаа General Motors, Ford и Nissan. Производителите ја преиспитуваат својата работна сила во ерата на електрификација и автономно управување.

Глобалната автоиндустрија ќе произведе 88,8 милиони автомобили и лесни камиони годинава, што е за 6% помалку во споредба со минатата година.

Намалувањата на работни места се однесуваат и на Кина, каде се вработени најмногу луѓе во оваа индустрија, а исто така е најтешко погодена од падот на продажбата. Стартапот NIO што е фокусиран на електрични возила, изгуби милијарди долари и отпушти 20% од работната сила заклучно со септември, што изнесува околу 2.000 работни места.

Nissan беше предводник во електрификацијата, но не е поштеден од проблеми. Јапонскиот производител во наредните неколку години ќе укине 12.500 работни места ширум светот за да ги намали трошоците во време кога се вложуваат напори да се освежи понудата на модели.

Редизајнираната верзија на електричниот модел Leaf, што дебитираше една година порано од планираното, не помогна доволно.

Незадоволните работници во GM штрајкуваа 40 дена и тоа беше најдолгиот штрајк во компанијата во изминатите 50 години.

Околу 15.000 луѓе на 22 ноември маршираа на улиците поради најавеното затворање на фабрики во Штутгарт, Германија каде се наоѓаат седиштата на Daimler, Porsche и најголемиот набавувач на делови Bosch.

Audi најави укинување на 9.500 работни места во Германија до 2025 година, а Daimler ширум светот ќе згасне повеќе од 10.000 работни места.

Ford затвора шест погони: три во Русија и по еден во САД, Велика Британија и во Франција. Со тоа ќе се укинат 17.000 работни места, од кои 12.000 во Европа.

Коментирај