Свет

Данските политичари ја исмеваат идејата на Трамп за Гренланд

16. август 2019 - 12:57 | МИА

Копенхаген, 16 август 2019 (МИА) – Данските политичари ја исмеваат идејата Копенхаген да го продаде Гренланд на Вашингтон, откако американскиот претседател Доналд Трамп, наводно, разговарал за тоа со своите советници.

– Тоа мора да е првоаприлска шега. Комплетно вон сезона, објави поранешниот премиер Ларс Лок Расмусен на Twitter.

Портпаролот за прашања од надворешна политика на Данската народна партија, Серен Есперсен за телевизијата DR изјави дека ако Трамп навистина размислува за купување на Гренланд, тоа е „дефинитивен доказ дека тој полудел“.

– Идејата Данска да продаде 50.000 граѓани на САД е целосно бесмислена, наведе Есперсен.

Данската пратеничка од втората по големина партија на Гренланд Инуит Атакатигиит, Оја Кемниц Ларсен истакна дека мнозинството жители на Гренланд веруваат дека би имале подобри односи со Данска отколку со САД.

– Мојата прва мисла е – не, благодарам, посочи Кемниц.

Премиерката на Данска, Мете Фредериксен и шефот на дипломатијата Јепе Кофор сѐ уште не ја коментираа идејата на Трамп.

Исто така и Амбасадата на САД во Копенхаген сѐ уште не ја коментираше идејата на Трамп, додека поранешниот американски амбасадор во Данска, Руфус Гифор изјави дека замислата за купување на Гренланд е „целосна катастрофа“.

Wall Street Journal претходно објави дека Трамп е заинтересиран да го купи Гренланд од Данска и оти американскиот претседател планира да разговара за тоа при посетата на Копенхаген во септември.

Гренланд е леден остров во состав на Кралството Данска и има површина од 2.166.086 километри квадратни.

Коментирај