Кошарка

Демонстрантите во Хонгконг лути на Леброн Џејмс

16. октомври 2019 - 9:35 | МИА

Хонгконг, 16 октомври 2019 (МИА) – Демонстрантите во Хонгконг вчера изразија незадоволство од коментарите на американскиот кошаркар Леброн Џејмс и со кошаркарска топка гаѓаа фотографија од НБА ѕвездата пред да влезе во кош и изгазија дресови со неговото име, а еден и запалија.

Кошаркатрот на Лос Анџелес Лејкерс претходно изјави дека слободата на говорот може да има негативни последици.

Демонстрантите се собраа за да ја искажат лутината поради неговата изјава, а истовремено го поздравуваа генералниот менаџер на Хјустон Рокитс Дерил Мори, кој стана нивен херој затоа што на Twitter им даде поддршка, што ги налути кинеските функционери и предизвика прекин на соработката меѓу Кина и НБА.

Околу 200 луѓе извикуваа навреди против Џејмс, јавуваат светските агенции.

Леброн Џејмс на Twitter искажа свое мислење за прашањето дали Мори треба да биде казнет поради неговиот твит кој предизвика економска војна меѓу НБА и Кина, поради кој американската професионална лига би можела да остане без повеќе милијарди долари.

– Да, имаме слобода на говор, но во некои времиња може да дојде до негативни последици кога не размислувате за другите, туку само за себе, напиша Џејмс.

Тој додаде дека многу луѓе можат да бидат повредени, не само финансиски туку и физички, емотивно, духовно и оти затоа секој треба да биде внимателен кога пишува нешто на Twitter.

Кина е голем пазар за НБА, а после твитот на Мори би можеле да бидат скратени големи средства преку разни спонзорства.

Коментирај