Македонија

Денес продолжува судењето за случајот Монструм

9. јануари 2013 - 9:08 | Макфакс

Продолжува судењето за случајот Монструм, односно за петкратното убиство кај Смилковското езеро што се случи на 12 април минатата година.

Откако обвинителката Гордана Гешковска го прочита обвинението, се очекува обвинетите да ја дадат својата одбрана пред судот.

Главниот претрес за овој случај се одложи откако судот го прифати барањето на адвокатите на обвинетите да направат увид во списите на предметот.

Судскиот процес за грозоморното убиство коешто ја потресе цела земја почна на 20 декември, а на обвинителната клупа седнаа Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири. Судењето се снимаше визуелно и тонски со две камери. На другите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство, ќе им се суди во отсуство.

Според обвинението, шестмината обвинети се товарат за тероризам, освен Хаки Азири, кој се товари за помагање.

Обвинетите, како што пишува во обвинението, имале намера со загрозување на животот и телото да создадат чувство на несигурност и страв кај граѓаните, па на свиреп и подмолен начин лишиле од живот пет лица од македонска националност. Во обвинението, освен обвинетите, се споменуваат и други непознати лица кои биле заедно со обвинетите. Како извршители на убиството се товарат Африм и Агим Исмаиловиќ и Алил Демири.

Во убиството коешто се случи на 12-ти април без причина беа убиени матурантите Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефковски.

Коментирај