Денеска се навршува еден месец од престрелката во која беа убиени Адис Шеховиќ и Давор Вујиновиќ, припадници на сараевската полиција, додека беа на службена должност, а сторителите на овој „кукавички чин“ како што го нарекуваат локалните медиуми, уште не се најдени.
Двајцата полицајци беа убиени утрото на 26 октомври, во сараевската населба Алпашино Полје. Тие воопшто не излегле од службеното возило кога напаѓачите, најверојатно фатени на дело во кражба, испукале дожд од куршуми кон нив, при што Шеховиќ (46) починал на самото место, а Вујиновиќ (43) почина неколку часа подоцна во болница.
Двајцата биле повеќе од 20 години во службата, со чин виш полицаец, а нивните колеги велат дека ги изгубиле најдобрите полицајци од полициската управа Нови Град.
Сепак, еден месец по инцидентот, службите уште трагаат по сторителите. Во акцијата се вклучени сите полициски агенции во Босна и Херцеговина со цел да се расветли случајот.
Десетина лица беа приведени на информативни разговори за да се соберат информации што би можело да доведат до идентитетите на сторителите кои се верува дека се дел од автомобилската мафија што оперира на подрачјето на БиХ.