Под силно полициски обезбедување во просториите во Врховниот суд во Скопје во вторник започна судењето против обвинетите за тероризам за судирот помеѓу македонската полиција и вооружена група во Дива населба во Куманово.
Еден од обвинетите Сами Укшини, познат како командант Соколи, пред судот рече дека делумно ја признава вината, но пред да се доизјасни, неговиот адвокат побара консултација со својот клиент и пауза од судиката, а судиката му објасни дека во овој дел од постапката треба да се изјасни единствено за тоа дали се чувствува виновен или не за делата за кои се товари.
Во моментот во тек е пауза, по што се очекува сите 29 обвинети да се изјаснат дали се чувствуваат виновни за делата „тероризам“ и „терористичко организирање“.
Јавниот обвинител Наум Пановски го образложи обвинителниот акт и рече дека Обвинителството ќе докаже дека обвинетите биле учесници во судирот во Куманово, како и во нападот врз полициската станица Гошинце.
Според обвинението, дел од обвинетите на 21 април минатата година ја нападнале полициската станица Гошинце и го зеле целото оружје за логистичка поддршка.
Според доказите на Обвинителството, единицата за специјални задачи при МВР на 9 мај минатата година постапувала по судска наредба за вршење на претрес со цел пронаоѓање на лицата кои го украле оружјето од Гошинце. Приближувајќи се кон објектот каде што требало да се изврши претрес, криминално-терористичката група фрлила рачна бомба од што биле повредени дел од припадниците на специјалната единица. Групата продолжила со рафали од автоматски пушки и истрели од снајпери и нападот траел цел ден и цела ноќ кон 10 мај. Во борбите загинаа осум полицајци, а 42 се тешко ранети.
Од изведените докази на Обвинителството структурата на терористичката група била составена од три нивоа, првото било командната структура во која најголем дел се косовски државјани, второто ниво била логистиката која обезбедувала помош и засолниште за учесниците во нападот и најголем дел од логистичарите се од Македонија. Третото ниво е најниското ниво во кое се членовите на паравоената група.
Обвинителството смета дека ќе докаже дека обвинетите се одговорни за настаните во Гошинце и во Куманово, дека постапувале со директна умисла, а исто така ќе се докажат и побудите и околностите што точно се случило.
Обвинителството располага со докази сместени во три класери. Во првиот класер се доказите за Гошинце, во останатите класери доказите за Куманово.
Обвинителот Пановски рече дека Обвинителството располага со записници од увид, заедно со документација, траги од лице место, барутен тест од облеката од групата учесници од нападот, огнено оружје пронајдено во Дива населба во Куманово.
„Од доказите Обвинителството смета дека несомнено не само што ќе се докаже учеството на обвинетите во дејствијата, туку ќе се докаже и основната и правната квалификација на делата кои им се стават на товар“, рече обвинителот Пановски.
Пред почетокот на рочиштето одбраната на обвинетите побара да се одложи судското рочиште бидејќи според адвокатот Шазивер Исеини, не се исполнети условите за одржување на рочиштето бидејќи тие побарале изземање на основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.
Одбраната бара овој случај да го преземе Специјалното јавно обвинителство, но Судот не го прифати ова барање бидејќи до сега до судот не стигнало барање од Специјалното обвинителство дека овој случај е во нивна надлежност.