Свет

Египетските археолози пронајдоа сфинга во храмот во Асуан

17. септември 2018 - 18:17 | К.З.

Додека исцрпуваа вода од фараонскиот храм Ком Омбо во египетскиот град Асуан, археолозите пронајдоа закопана статуа на сфинга. Според научниците, сфингата е стара повеќе од 2.100 години и ѝ припаѓа на грчко-македонската династија на Птоломеј.

Министерството за археологија и антиквитети вели дека статуата на митското суштество е висока 38, а широка 28 сантиметри. Таа е направена од песочен камен и се претпоставува дека е изработена помеѓу 305 и 30 година п.н.е..

 По смртта на Птоломеј V, кој владееше со Египет од 210 до 180 година п.н.е., свештениците од светиот град Мемфис го објавија познатиот Камен од Розета, во кој се наброени неговите добри дела. Многу векови подоцна, каменот им помогна на експертите да научат да ги читаат египетските хиероглифи.

Храмот Ком Омбо, каде што беше пронајдена сфингата, беше изграден за време на владеењето на неговиот син, Птоломеј VI. Тој беше дом на боговите-близнаци, Собек и Хароерис.

Египетските власти дадоа до знаење дека експертите и археолозите ќе ги запрат проучувањата во овој храм додека не се дознае која е намената и историјата на сфингата.

Сфингата ја претставувала кралската моќ во древен Египет, комбинирајќи ја физичката сила на лавот и земската моќ на кралот. Големата сфинга која ги чува пирамидите во Гиза е најпознатата од нив, а таа е висока 20 метри и долга 57 метри.

Коментирај