Авто новости

Елон Маск: Електричниот пикап ќе личи на персонален оклопен транспортер од иднината

14. октомври 2019 - 16:42 | А.С.

Покрај Model Y, електричниот пикап на Tesla е најверојатно моделот што се очекува со најголемо нетрпение од американскиот производител на електрични возила.

Елон Маск потврди дека продукциската верзија на електричниот пикап/камионет на Tesla ќе биде претставена следниот месец.

На прашањето што му беше поставено на Twitter, за тоа дали премиерата на новиот модел што претходно ја најави за во ноември навистина ќе се одржи тој месец, Маск одговори потврдно, без да го прецизира точниот датум.

Колку за потсетување, првиот човек на Tesla на почетокот на август објави дека новото возило е во завршна фаза и дека ќе биде готово „за два-три месеци“, а потоа во септември рече дека премиерата ќе се одржи во ноември.

Tesla досега има објавено само еден тизер за електричниот пикап, но фотката не открива многу за тоа како ќе изгледа возилото.

Маск неколку пати сугерираше дека камионетот значително ќе се разликува од остатокот од гамата на Tesla.

Во јуни годинава Tesla соопшти дека пикапот ќе чини помалку од 50.000 долари, со храбро тврдење дека со него ќе се управува како со Porsche 911, додека автономијата меѓу две полнења ќе биде 650-800 километри.

Вчера Маск се огласи на Twitter, одговарајќи на објава од пред 28 дена, во врска со изгледот на електричниот пикап :

„Сајберкамионетот нема да личи на ниту една од верзиите што се шпекулираат на интернет. Повеќе наликува на персонален оклопен транспортер од иднината.“

Коментирај