Свет

Ердоган ѝ се закани на Европа: Ќе ви пратам милиони бегалци

10. октомври 2019 - 15:00 | Ф.З.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека во Европа ќе прати 3,6 милиони сириски бегалци доколу европските земји ја прогласат турската воена интервенција во Сирија за окупација.

„ЕУ, разбуди се. Повторно ќе кажам: доколку ја именувате нашата операција како инвазија, имаме едноставен одговор. Ќе ја отвориме вратата и ќе ви ги испратиме 3,6 милиони бегалци“, се закани Ердоган говорејќи пред луѓе од неговата Партија на правдата и развојот (AK Parti), пренесува Reuters.

Во Турција моментално се сместени токму 3,6 милиони бегалци од војната во Сирија. ЕУ имаше тешка задача да ја наговори Турција да ги затвори границите за да престане мигрантската криза на Стариот континент.

Турците ги налути изјавата од Европската унија која побара од Турција веднаш да ја прекине воената интервенција против Курдите во Сирија.

„Неприфатлив е било каков обид за демографски промени. ЕУ нема да испрати помош ниту пак да даде поддршка на подрачјата каде се занемаруваат правата на локалното население“, се вели во соопштението на ЕУ.

Ердоган се правда дека со интервенцијата го брани сирискиот суверенитет кој, според него, е загрозен од Курдите кои пак го контролираат североисточниот дел на земјата. Се пофали и дека досега во нападите елиминирале 109 терористи, како што ги вика курдските борци кои се бореа против ИСИС.

Сепак изјави дека регионот ќе го исчисти и од преостанатите терористи на Исламската држава: „Бидете сигурни дека после нашата операција ИСИС повеќе нема да биде присутен во регионот на североисточна Сирија“.

Коментирај