Македонија

ЕУ ќе се наврати на проширувањето до мај 2020

18. октомври 2019 - 15:09 | МИА

Брисел, 18 октомври 2019 (МИА) – Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск порача дека Европската Унија ќе се наврати на проширувањето до мај 2020, пред Самитот во Загреб откако земјите членки не успеаја да постигнат договор за почеток на преговори со Албанија и Македонија.

Канцеларката Ангела Меркел на прес-конференција изрази дека „многу жали“ што ЕУ не успеа да постигне консензус и посочи дека против биле Франција, Данска и Холандија.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, посочи на Twitter дека одговорноста за поразот околу отпочнувањето преговори е кај Европската Унија.

-Одговорноста за поразот не е кај земјите (Албанија и Северна Македонија, нз) кои со право се надеваа на позитивна одлука. Тие испорачаа. ЕУ е одговорна што не успеа да исполни ветувања поради внатрешни проблеми. Ова му наштетува на кредибилитетот на ЕУ не само на Западниот Балкан туку и пошироко, напиша Хан.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во неговото обраќање до нацијата рече: „Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат.  Јас сум длабоко уверен дека само ако работиме заедно – ќе успееме! Во овие моменти најмалку што ни е  потребно е нашето незадоволство да го насочуваме кон одредени членки на Европската Унија.“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе учествува на лидерската средба што ја организира претседателот Пендаровски, откако земјава не доби датум за почеток на преговори со ЕУ.

Недобивањето на датумот, вели Мицкоски, е резултат на „лошите и погубни политики на Владата на Зоран Заев“. И тој, како и народот, рече Мицковски, се за предвремени и збори, а дури да се организираат потребно е да се спроведат реформи кои, според него, треба да ги спроведе влада, составена од силни индивидуи, со богато лично, стручно портфолио, кои ќе го дадат својот максимум служејќи и на државата.

Коментирај