Рецензии
Што ќе се случи, ако не го поминам тестот?

„Ex Machina“ – Предизвик и искушение за човекот

24. мај 2015 - 15:39 | Маја Танушоска

Вештачката интелигенција е прашање за кое се дебатира доста во денешно време – некои сметаат дека е чекор напред за човештвото, други дека човекот не знае со што се соочува со нејзиното усовршување. Таа дилема е инкопрпорирана во концептот на научно-фантастичниот филм на режисерот Алекс Гарланд.

Ова е режисерско првенче за Алекс Гарланд со кое остави одличен впечаток кај критичарите. Тој воедно го напиша и сценариото, а дополнително направи паметен потег со одбирањето на актерската екипа. Идејата за создавањето на ваква приказна Гарланд ја добил на многу рана возраст кога како дете добил компјутер за кој во тоа време сметал дека има свој ум. Подоцна имал дискусии околу тоа дали машините можат да имаат емоции и сето тоа го преточил во сценариото за „Ex Machina“.

Бидејќи ова е концепт на Гарланд и не сакал премногу да му се мешаат во начинот на кој сака да го реализира филмот, бил употребен прилично мал буџет во износ од околу 15 милиони долари. Но, ефектот беше постигнат и она што е добиено како краен резултат не е само чиста забава за гледачот, туку и прашање за кое можете да дискутирате со останатите.

Приказната започнува со известувањето што го добива младиот програмер Кејлеб (Домхол Глисон) кој е добитник на наградата спроведена од компанијата во која работи. Наградата е да мине неколку денови заедно со основачот на компанијата Нејтан (Оскар Исак) во неговата куќа во планините. За кратко време по пристигнувањето, на Кејлеб му е соопштено дека всушност е дел од експеримент во кој треба да ги испита човечките карактеристики на робот со вештачка интелигенција по име Ава (Алисија Викандер). Кејлеб преку вообичаен разговор пробува да ги тестира човечките карактеристики на Ава, но многу бргу таа на интелигентен начин ги врти работите и почнува да поставува прашања преку кои го запознава добро. Прашањето е кој кого манипулира?

Гарланд на интелигентен начин ја води приказната која ве тера да размислувате и да се поврзете со ставот на Кејлеб, но во суштина не можете да бидете сигурни како ќе заврши експериментот и кој ќе излезе како победник. Моментите во кои Кејлеб и Ава разговараат еден со друг разделени со невидлива бариера се интригантни и е прилично интересно да се види нивниот епилог.

Филмот е заснован врз три лика кои го носат дејството и мора да се пофали изведбата на секој од актерите. Домхол Глисон полека се пробива со добро одбраните проекти (друг добар филмски предлог со него е романтичниот „About Time“), Викандер ја ставаат во листата актери со потенцијал да ја одбележат 2015-та, а Оскар Исак овде е особено добар. Ако треба да ги објасните накратко ликовите што ги толкуваат тогаш Глисон толкува лик со морален компас, ликот на Исак е еден од оние што ја гледаат само крајната цел и создаваат одбивност, а Викандер е срцето на овој филм. Она што Викандер го прави во овој филм е исклучително – таа прикажува ранливост, сексапил, заведува и на моменти прави да се соживеете со неа, а во друг момент да се сомневате во ликот кој го толкува. На некој начин гледачот е ставен на местото на Кејлеб. Викандер преку изведбата знае да допре до гледачот, а особено впечатлива е сцената во која прашува што ќе се случи со неа, доколку не го мине тестот.

Иако ова е филм во кој се претставени дилемите за вештачката интелигенција, како гледач нема да бидете премногу оптоварени со технологијата и деталите. Има сцени во кои Нејтан објаснува што сака да направи и како ја создал Ава, но основниот мотив е да се прикаже моралната дилема на експериментот што го изведува.

„Ex Machina“ е еден од оние филмови што бавно го градат дејството, во себе содржи прашања за иднината на технологијата, но поставува и филозофски прашања. Доколку сте дел од гледачите што сакаат динамични филмови, веројатно нема да ви се допадне начинот на кој се развива, бидејќи е бавен. Сепак, крајниот заклучок е дека Гарланд имал посебна замисла која успешно ја реализира. Со оглед на добрите критики што ги доби, сега прашање на време е кога ќе му биде понуден поголем буџет за нов проект.

Loading the player...

Коментирај