Авто новости
Проблематично деби за конкурентот на Tesla Motors

Faraday Future FF91: Претставен новиот електричен луксузен суперавтомобил

4. јануари 2017 - 11:23 | Д.П.

Faraday Future синоќа на саемот CES во Лас Вегас го претстави својот прв модел FF91 кој има невообичаен изглед, луксузни карактеристики и врвни возачки перформанси.

Иако автомобилот презентираше дел од своите неверојатни можности, промоцијата не помина глатко, па еден од автомобилите не успеа да се паркира, а компанијата беше многу таинствена околу тоа дали имаат финансии за да почнат сериско производство.

Засега е извесно дека ќе бидат достапни само 300 модели кои ќе се појават во 2018 година, а оние што сакаат да ги купат ќе мора да уплатат депозит од 5.000 долари, пишува The Verge.

Батеријата на FF91 има капацитет од 130 киловат часови и автономија од 600 километри, а импресивните перформанси ги комплетира и моторот со 1.050 коњски сили кој забрзува од 0-60 милји на час (0-96 километри на час) за само 2.39 секунди што според компанијата е подобро од перформансите на конкурентите од Tesla.

Од дизајнерска страна, автомобилот има интересни решенија за светлата, а LIDAR сензорот е вграден во поклопецот за моторот место во покривот како што е кај повеќето автомобили со автономни опции.

Уште една интересна функција се вратите кои автоматски се отвораат благодарение на FF ID идентификацијата што корисникот ја има на својот смартфон. Автомобилот располага и со 10 камери, 13 радари, 12 ултрасонични сензори и LIDAR радарот. Според компанијата, FF91 е сосема нов тип на автомобил кој и покрај проблемите со кои се соочува, на крајот ќе успее да се избори за своето место на пазарот.

Loading the player...

Коментирај