Фудбал

ФИФА одлучи: Од 2026 ќе се игра Мундијал со 48 репрезентации

10. јануари 2017 - 11:46 | Макфакс

Светската фудбалска федерација (ФИФА), одлучи да го прошири Светското првенство на 48 репрезентации. Рекорден број на репрезентации прв пат ќе учествуваат на Мундијалот во 2026 година, чиј домаќин сѐ уште не е одреден.

Одлуката за проширување била донесена едногласно, што значи дека по СП-а во Русија во 2018 и Катар во 2022 година, на Мундијалот во 2026 година ќе учествуваат најголем број на репрезентации.

Усвоен е системот од 16 групи со по три репрезентации, а пласман во нокаут фазата ќе изборат победниците на групите.

Идејата за проширување на Мундијалот најпрвин дојде од претседателот Џани Инфантино, истата помина на состанокот на ФИФА, иако најголемите клубови, претходно јавно го искажаа своето незадоволство. Својата замисла Инфантино ја спроведе во дело добивајќи поддршка од најголемиот дел на националните сојузи.

Според новиот формат ќе биде зголемен бројот на натпревари кои ќе бидат одиграни од досегашните 64 на 80. Сепак, шампионот исто како и досега ќе треба да одигра седум натпревари за да стигне до титулата.

Турнирот ќе трае исто како и досега, односно 32 дена.

Последен пат бројот на учесници на СП беше зголемен во 1998 година кога настапија 32 репрезентации, систем кој ќе се применува и на наредните две СП-а (Русија 2018 и Катар 2022). Претходно од 1954 до 1982 година и Мундијалот во Шпанија на светските првенства учествуваа 16 репрезентации, а од 1986 до 1994 на Мундијалите играа 24 селекции.

Коментирај