Фудбал

ФИФА: Прогласени најдобрите во фудбалот, Кристијано Роналдо играч на годината

10. јануари 2017 - 8:28 | Макфакс

Фудбалерот на Реал Мадрид и репрезентацијата на Португалија, Кристијано Роналдо, е прогласен за најдобар во светот во изборот на ФИФА. Португалецот претходно ја доби и „Златната топка“ на France Football со што само ја потврди доминацијата во 2016-та, во која ја освои Лигата на шампионите и Европското првенство.

Кристијано Роналдо наградата на ФИФА за најдобар во светот ја освои во конкуренција на својот најголем ривал, Лионел Меси од Барселона и ѕвездата на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман, кој беше најдобар играч и стрелец на Европското првенство.

ФИФА го прогласи и тимот на годината, во кој влегоа голманот на Баерн Мануел Нојер, десниот бек на Јувентус Дани Алвеш, дефанзивците на Реал и Барселона Серхио Рамос и Жерард Пике, левиот бек на Реал Марсело, играчите од средниот ред на Реал Лука Модриќ и Тони Крос, односно капитенот на Барселона Андрес Иниеста и напаѓачите Кристијано Роналдо од Реал и Лео Меси и Луис Суарез од Барселона.

Инаку фудбалерите на Барселона не беа присутни на гала церемонијата во Цирих, бидејќи клубот процени дека осминафиналниот реванш, в среда, во Купот на Кралот против Атлетик Билбао има приоритет.

На церемонијата наградата за животно дело ја доби најдобриот футсал играч во историјата, Бразилецот Фалкао, а наградата за фер-плеј му припадна на колумбискиот клуб Атлетико Насионал.

Наградата „Пушкаш“ за гол на годината му припадна на Малезиецот Мохд Фаиз Субри за голот кој го постигна на натпреварот Пенанг-Паханг во малезиската Суперлига.

Тренер на годината е 65-годишниот Италијанец Клаудио Раниери, кој го предводеше Лестер до сензационалната титула во англиската Премиерлига.

Најдобра фудбалерка е Американката Карли Лојд, а жена тренер на годината е Германката Силвија Наид.

ФИФА за најдобри ги прогласи навивачите на Борусија Дортмунд и Ливерпул. Тие на четвртфиналниот меч меѓу двата тима во Лига Европа на стадионот Енфилд заедно ја пееја химната Ливерпул „You`ll Never Walk Alone“.

Коментирај