Статистиката вели дека „Avatar“ го потопи „Titanic“ кога е во прашање заработувачката од кино благајните, во историјата на филмот. Но, дали доколку се земат предвид некои фактори, овој рекорд нема да е „одвеан со виорот“?
Фото: 20th Century Fox
Спектаклот на Џејмс Камерон сруши еден рекорд на кино благајните. Го чекаат уште два.
После шест недели прикажување надвор од САД, „Avatar“ заработи 1,288 милијарди долари и со тоа за 46 милиони го надмина рекордот на „Titanic“, кој 13 години го држеше првото место со заработени 1,242 милијарди. Рекордот, според предвидувањата падна во саботата, а резултатите се објавени на почетокот на оваа недела.
По бројки, доколку ги земеме земјите од светот и заработката на „Avatar“ од викендов, во Франција досега заработил 123,3 милиони долари, во Кина 102, во Германија 95,7, во Велика Британија 92,9, Јужна Кореја 79,5, Јапонија 77,7, Австралија 77,1 и Шпанија - 76 милиони долари.
Со факторот инфлација, приказната изгледа поинаку
„Avatar“ мора да го стигне „Titanic“ на американскиот пазар на кој „Titanic“ заработи 600, а „Avatar“ 552 милиони долари, т.е. има вкупна заработка од 1,843 милијарди. За ова на „Avatar“ според критичарите може да му требаат и до две недели, но неизбежно е превземањето на тронот.
Околу 65% од заработката надвор од САД и речиси 80% од заработката на американскиот пазар доаѓа од кината со 3Д технологија, со што одлуката за снимање на филмот во 3Д се покажа како одлична.
Секако, постои и факторот на инфлацијата. Пресметано т.е. прилагодено по инфлациските формули, најпрофитабилен филм во САД на сите времиња е „Gone With the Wind“ со заработка (во денешни услови) од отприлика 1,5 милијарди долари. По овој начин на пресметување, „Avatar“ се наоѓа само на 26. место.
Б. И. | Кајгана