Новата фотографија што ја направи леталото во близина на Сатурн откри интересен феномен, во кој една мала месечина создава бранови во прстените околу големата планета.
Фотографијата која е дело на леталото cassini е направена на 16 јануари и ја прикажува месечината Дафнис како создава дисторзии во прстените.
Cassini во моментот на фотографирањето се наоѓал на 27.000 километри од месечината, а тоа е најблиската средба на Дафнис со сателит испратен од Земјата.
„Гравитацијата на малата месечина создава хоризонтални и вертикални бранови“ - соопшти НАСА. Cassini во 2009 година ги фотографираше истите бранови, но од поинаков агол.
Дафнис е исклучително мал сателит на планетата со размер од околу осум километри. Покрај него, Сатурн има уште 60 други сателити.