Македонија

ФЗОМ: Од 1 октомври лек ќе може да подигне секој за секого

12. септември 2019 - 17:49 | МИА/КАЈГАНА

Укинувањето на квотите за лекови на рецепт ќе почне од 1 октомври годинава. Од тогаш ќе почне спроведувањето на нулта фазата, во која при препишување рецепт од лекар и при купување на лекот од аптека ќе се бара на увид здравствена легитимација со лична карта или патна исправа.

Ова на денешната средба со медиумите го соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Ден Дончев.

Граѓаните ќе можат од аптека да земат и лекови препишани на друго лице со своја лична карта. Секој граѓанин кој има потреба од лек, како што рече, ќе биде покриен во било кое време, од било која аптека.

Дончев смета дека паралелно со ова ќе се елимираат рецептите на хартија и во иднина ќе се работи на електронски рецепти или т.н. е-рецепт. Тоа значи дека од моментот кога ќе се препише рецептот од страна на лекарот, тој влегува во системот, и потоа во било која аптека, по лична карта ќе може да му се издаде лекот на пациентот.

Лекови за деца ќе можат да подигнуваат родителите или некое друго лице кое со себе ќе треба да носи своја лична карта и рецепти. И за старите и изнемоштени лица ќе може лековоите да ги купи друго лице со своја лична карта.

„Воведуваме систем на скенери што ќе ги скенираат податоците од соодветните документи за легитимација. Воведуваме евиденција во реално време за издадени рецепти по број на документ и евиденција во реално време за подигнати рецепти од аптеки, повторно по број на личен документ. Воведуваме систем на т.н. црвени знамиња за контролно реално време каде ќе реагираме агилно и брзо доколку се утврди дека одредени лекари препишуваат повеќе рецепти од дефинираните норми“, појасни Дончев.

Квотите за лекови ќе се укинат -  тие што се на позитивната листа ќе бидат постојано достапни, но котролата ќе биде построга, велат од ФЗОМ и додаваат дека целта е Фондот да е сигурен дека рецептите се валидни и веродостојни и од медицински и од финансиски аспект.

При препишување на лекот, матичниот лекар на рецептот ќе треба да го запише и бројот на личната карта или пасошот на пациентот. Фармацевтот ќе има обврска да евидентира кој го подигнал лекот повторно преку проверка на личната карта или пасошот. За децата, ќе се запишува бројот на родителите. Лек ќе може да подигне секој, во име на секого, но само со приложување и евидентирање на личната карта.

Првичните проценки се дека инвестицијата за скенери во аптеките ќе чини околу 300 евра за скенер и ќе биде покриена од Фондот. Во моментов има 778 аптеки кои имаат договор со Фондот.

Овој систем досега се применувал во Шведска и наскоро ќе биде официјално промовиран. Од ФЗОМ најавуваат и кампања за информирање на граѓаните. До 30 септември остануваат на сила постојните процедури и правилници.

На новинарско прашање дали лекарите и аптекарите имаат право да бараат лична карта од пациентите, Дончев вели дека прашале во Дирекцијата за заштита на лични податоци, од каде им рекле дека нема ништо спорно, пишува „Независен весник“.

Коментирај