Мобилни

Galaxy M: Евтини модели на Samsung месецов ќе се појават на индискиот пазар

14. јануари 2019 - 14:55 | К.З.

Компанијата Samsung сака да доминира на сите пазари на смартфони, па затоа реши да пласира нова серија на смартфони наречена Galaxy M. Тие најпрво ќе се појават во Индија на крајот на овој месец, па потоа и насекаде низ светот.

Од Samsung соопштија дека уредите ќе бидат достапни преку интернет страницата на индискиот Amazon веќе од крајот на овој месец, а идејата зад тоа е да се зголеми онлајн продажбата.

Во моментов Samsung се обидува повторно да го преземе пазарот во Индија, вториот најголем пазар во светот, веднаш по Кина. Моментален лидер на индискиот пазар е кинескиот производител Xiaomi, кој се специјализира за евтини телефони.

Евтината серија Redmi на Xiaomi ѝ даде предност на оваа компанија, но минатата година Samsung ја отвори најголемата фабрика за производство на смартфони во светот и сега може да се фокусира на правење уште повеќе уреди од сите парични класи. Новата фабрика се наоѓа во Ноида, град во Индија.

На индискиот пазар ќе се појават моделите M10, M20 и M30, од кои последниот веројатно ќе пристигне со процесор Exynos 7885 и 4GB RAM. Цената на овие смартфони ќе почне од 142 долари и ќе се движи нагоре, во зависност од спецификациите.

Од сосем другата страна на спектрумот, новиот флегшип модел на Samsung ќе биде преставен во Сан Франциско на 20 февруари.

Коментирај