Хроника

Германски државјанин уапсен на Шапка за набавка на 700 килограми кокаин

24. август 2019 - 11:06 | МИА
Скопје, 24 август 2019 (МИА) – Полицијата на Попова Шапка уапси германски државјанин баран преку Интерпол заради организирање и набавка на 700 кг. наркотична дрога кокаин од Јужна Америка до Хамбург. Судија на претходна постапка на педесет и петгодишниот Р.В.Л.  му одредил мерка екстрадиционен притвор во траење од 30 дена.

Како што соопшти МВР, на 21 август 2019 година Бирото за јавна безбедност – Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со полициски службеници од сојузната криминалистичка служба од Германија-БКА и полициски службеници од единицата за борба против дрога од Хамбург, Германија, а во координација со ОЈО за ГОКК, го лишија од слобода германскиот државјанин Р.В.Л. (55), член на меѓународна организирана криминална група. Германскиот државјанин се бараше со меѓународна потерница на Интерпол.

Пред да биде лишен од слобода, германскиот државјанин, неколку месеци престојувал во нашата земја, поточно во викенд населбата на Попова Шапка, со лажен идентитет.

-На 21 август 2019 од страна Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и соодветен број на припадници од ОСПО и полициски службеници од СР Германија, а по претходно изготвен план за реализација и издадена наредба од судија на претходна постапка, извршен е претрес во викенд куќата и лишен од слобода е германскиот државјанин Р.В.Л.. При претресот пронајдени и одзмени се и помала количина кокаин и марихуана, како и пет телефони, две платежни картички, пари, лап топ, германска патна исправа на друго име, фалсификувана полска возачка дозвола и други предмети, се наведува во соопштението на МВР.

Германскиот државјанин е предаден на Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР заради понатамошна постапка во однос на распишаната меѓународна потерница од Интерпол, а ОЈО Тетово поднесе кривична пријава против него. 

Коментирај