Вработените во судовите и јавната администрација од цела Македонија, членови на Синдикатот на работници во управата и правосудните органи, на пладне ќе го почнат големиот протест низ скопските улици.
Протестот го поддржаа и ќе им се приклучат и потписниците на „Повелбата за солидарност“, самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници, Синдикатот на македонската дипломатска служба, Конфедерацијата на синдикални организации КСОМ, мултиетничкиот синдикат на образование МЕСО, Синдикатот на културата на Македонија, левичарското движење „Солидарност“ и движењето за социјална правда „ЛЕНКА“.
Планирано е протестот да почне пред зградата на Сојузот на синдикати, а потоа толпата ќе продолжи кон Собранието, министерствата за правда и информатичко општество. А, според најавите, протестот би требало да заврши пред Владата.
Штрајкот се организира затоа што Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација, ги прогласија за неуспешни преговорите со Министерството за правда околу измените на Законот за судска служба.
Кон протестот нема да се приклучат вработените во Основен суд Скопје 1 затоа што тие се дел од друг синдикат.
Судската администрација во среда го почна штрајкот незадоволни од условите за работа, а се судеа само итните, притворските случаи.
Синдикатот на УПОЗ и ЗСА бара измена на законот за судска служба, бараат и зголемување на платите на вработените во судската администрација, исплаќање на зголемувањето од 5 отсто на јавната администрација и враќање на работното време од 7.30 до 15.30 часот.