Архитектура

Грандиозен предлог: Стаклен базен во хотел што виси над фјорд

31. јули 2019 - 18:52 | А.С.

Архитектонско студио од Истанбул претстави грандиозна идеја за изградба на бутик хотел со стаклен базен што ќе виси над норвешки фјорд.

Hayri Atak Architectural Design Studio предложи изградба на хотелот на локација на 600 метри над водата на фјордот Лисефјорден, во Преикестолен, популарна туристичка атракција во западна Норвешка.

Проектот е наменет за „оние кои сакаат да го почувствуваат животот на работ и преку него“, порачуваат креаторите.

„Преикестолен веќе со години е возбудлива дестинација и кога еден пријател ми покажа фотографии од местото што ги направил додека бил таму, ми дојде наплив на адреналин, иако никогаш не сум бил таму. Почнав да сонувам дека живеам на работ и едноставно посакав такво искуство што инспирира“, вели основачот на студиото Хајри Атак за магазинот Dezeen.

Планот му е да ја направи двојно подолга платформата за набљудување, а гостите ќе може да се сместат во некој од деветте апартмани распоредени на три ката.

Сепак, најграндиозен дел од проектот е базенот замислен за најхрабрите посетители.

Ќе биде потполно проѕирен и надвиснат над фјордот, нудејќи доживување слично на бестежинска состојба.

Коментирај