Рецензии

„The Guest“ – Внимавајте кого каните во својот дом

17. ноември 2014 - 15:31 | Маја Танушоска

Харизматичен русокос војник од никаде се појавува на домашниот праг. Делува љубезно, вели дека дошол со најдобра намера, но колку можете да верувате на приказната на комплетен странец? Наивноста може да ве доведе во рацете на психопат.

Кога едно студио ќе вложи голема сума средства во некој филм прави толкава бука за него, што е речиси невозможно да пропуштите нешто за истиот. Помеѓу блокбастерите и оние филмови што претендираат за Оскарите, публиката за жал пропушта добри филмови кои не добиваат некоја значителна промоција. За среќа, „The Guest“ успеа да си го најде местото помеѓу пукнатините. Во случајот на овој филм, добриот глас од публиката се прошири и сè поголем број луѓе обрнуваат внимание на добрите препораки, што е одлично бидејќи ова е едно од оние пријатни изненадувања од филмскиот свет.

Дејството започнува со пристигнувањето на Дејвид (Ден Стивенс) во домот на семејството Питерсон. Тој се претставува како пријател на нивниот син кој е загинат, велејќи дека само сакал да си го оствари ветувањето што му го дал, а кое го обврзува да им пренесе порака и да се погрижи за нив. Потребна е една сцена (со одлично одбрана музика) за да согледате дека ова е навистина опасен човек.

Мајката Лора (Шејла Кели) е првата што му посакува добредојде и го кани да остане кај нив и иако кај останатите во семејството постои скептичност околу присуството на Дејвид, тој со својата љубезност успева да ги освои сите. Дејвид полека почнува да ги чисти препреките за членовите на семејството Питерсон. На синот Лук (Брендан Мејер) му помага да се справи со насилниците во училиштето, со ќерката Ана (Мајка Монро) успева да се зближи благодарение на нејзините љубовни проблеми, на таткото (Лиланд Орсер) ќе му излезе унапредување, а мајката добива некаков вид утеха со неговото присуство. Но, зад харизматичната надворешност на Дејвид се крие опасен човек кој крие тајни и неговото присуство ги загрозува не само животите на семејството, туку и на луѓето што тие ги познаваат.

Главна ѕвезда на овој филм е Ден Стивенс. Доколку ја следите британската серија „Downton Abbey“ неговото име и тоа како ви значи нешто. Стивенс беше една од главните ѕвезди, до моментот кога самиот одлучи дека е време да стави крај и ја напушти серијата преселувајќи се во Њујорк во обид да се обиде со нешто ново. Неговото заминување од серијата претставуваше вистински шок и тој сè уште добива прашања врзани за оваа одлука, но гледајќи ја целокупната слика ќе излезе дека Стивенс бил во право. Тој на време реши да си ја проба среќата и талентот во Холивуд, а за тоа му требаше трансформација и добри прилики да се покаже. А тој тоа подобро и да не можеше да го изведе. Доколку погледнете фотографии од Ден од пред некоја година споредено со изгледот во „The Guest“ нема да верувате дека тоа е истиот човек. Ако некогаш беше познат како лик со некој килограм вишок, во „The Guest“ нема ни трага од таа личност. Стивенс за потребите на филмските проекти на кои работеше изминатава година изгуби петнаесетина килограми. Во нив покрај „The Guest“ спаѓаат уште „A Walk Among the Tombstones“ и „Night at the Museum: Secret of the Tomb“.

Конкретно за „The Guest“ за да го добие изгледот потребен за улогата на специјалец тренирал боречки вештини и како што вели тој специјалците што ги сретнал не изгледаат како Шварценегер туку се подвижни и лесни, а тој целел токму кон тоа. Дел од критиките на публиката која знае кој е Ден Стивенс по гледањето на овој филм е дека „ова не е истиот човек“, што е голем комплимент за него. Стивенс е еден од оние на кои треба да се внимава во иднина и воедно е уште еден доказ дека британските актери „им го земаат лебот“ на американските и тоа во сè поголем број. Земете ги за пример Бенедикт Камбербач, Том Хидлстон, Еди Редмејн кој тек допрва ќе покаже што може, а сега и Ден Стивенс.

Режисер на „The Guest“ е Адам Вајнгард, инаку познат по создавањето хорор филмови (You’re Next, V/H/S), а дел од атмосферата од хорор филмовите успеал да вметне и во ваков трилер. После „The Guest“, воопшто не е лоша идеја да го насочи талентот повеќе кон ваков жанр на филмови, затоа што овде завршил одлична задача. И дефинитивно ова е еден од оние филмови во кои музиката се користи на соодветно место. Патем саундтрак нумерите вреди да ги преслушате во целост.

Ова е филм за луѓе кои ги сакаат тензичните филмови и акцијата. Нема да бидете разочарани во тој поглед. Освен тоа приказната ќе ја добиете преку исклучително допадлив лик кој нема да ве остави рамнодушни. Стивенс вели дека филмот си има и комична страна (како клише сцена со разголен маж кој заведува девојка додека зад него има густа пареа, па и самиот крај), а воедно треба да ве потсети на акционите филмови од 80-тите и 90-тите. Ако сте за вакво нешто, „The Guest“ е одличен избор.

Коментирај