Останати спортови

Хабиб го предупреди Мекгрегор: Не смееш да навредуваш цела религија, нема да се извлечеш

4. април 2019 - 16:51 | К.З.

Ирскиот ММА борач Конор Мекгрегор реши повторно да се активира по 9-дневната пензија, а неговиот ривал Хабиб Нурмагомедов како едвај да го чекаше тоа. Двајцата веќе подолго време „војуваат“ преку Twitter, со што ги вжештуваат шпекулациите за потенцијален реванш.

Нурмагомедов преку неговиот Twitter профил го нарече Мекгрегор „силувач“ и му порача дека „правдата ќе го пронајде“, а само неколку часа подоцна Ирецот преку истата социјална мрежа го најави неговото враќање во рингот.

„Сакам да одам напред, со моите фанови од сите вери и минатото. Нашите вери нѐ учат да бидеме најдобрите верзии од себеси. Имаме еден свет и тој е за сите. Се гледаме во октагонот“, напиша Мекгрегор на Twitter.

Истата вечер, Конор напиша твит во кој ја спореди жената на Нурмагомедов со крпа, бидејќи таа носеше превез преку главата. „Твојата жена е крпа, пријателе“, напиша Мекгрегор во твитот, кој набрзо беше избришан.

Како и во секоја ситуација, Хабиб Нурмагомедов не можеше да издржи без да се вмеша. Тој го сфати твитот на Мекгрегор како навреда на неговата религија, па реши да продолжи да го провоцира Ирецот.

„Ако мислиш дека ќе бидеш безбеден откако навреди една цела религија, се лажеш“, напиша Нурмагомедов.

Претседателот на УФЦ, Дејна Вајт, рече дека е запознат со случувањата помеѓу двајцата борачи, како и со нивните „војни“ преку социјалните мрежи. Според него, најдоброто решение за овој проблем може да се најде преку претставниците на двете страни.

„Ситуацијата ескалираше до неприфатливо ниво. Ги правиме потребните чекори за да ги контактираме камповите на двата борачи. Овој проблем ќе биде решен интерно“, рече Вајт.

Првата борба помеѓу Хабиб Нурмагомедов и Конор Мекгрегор донесе нов рекорд за УФЦ, откако 2,4 милиони луѓе решија да платат за да ја гледаат борбата легално, во живо.

Коментирај