Останати спортови

Хабиб: Мекгрегор лаже за пензионирањето, ќе се врати

2. април 2019 - 19:30 | К.З.

Минатата недела преку Twitter дознавме дека ирскиот ММА борач Конор Мекгрегор одлучи да се пензионира од професионалното борење и засега неговата одлука е прифатена како конечна. Но, Хабиб Нурмагомедов не верува во тоа.

Зборувајќи со медиумите, Нурмагомедов рече дека Конор Мекгрегор не успеал да постигне договор со УФЦ, па затоа „се обидува да им покаже дека тие ќе изгубат многу пари доколку го изгубат него“.

Последната борба на Конор Мекгрегор во УФЦ рингот беше токму против Хабиб Нурмагомедов, а Ирецот излезе како поразен од неа. Борбата беше одржана во октомври минатата година, а оттогаш и двајцата борачи паузираат од рингот поради суспензијата која ја добија поради тепачката која беше предизвикана по крајот на дуелот.

„Не мислам дека ќе остане во пензија. Има сила да продолжи и верувам дека ќе се врати“, изјави Нурмагомедов за пензионирањето на Мекгрегор.

Ирецот се пензионираше и претходно, во април 2016 година, но само два дена подоцна ја смени одлуката и реши повторно да се врати на професионалното борење. Триесетгодишниот борач нема официјална победа во борба уште од ноември 2016 година, кога го победи Еди Алварез и успеа да стане единствениот борач што го има шампионскиот појас во две различни категории.

Коментирај