Останати спортови

Хабиб му порача на Мекгрегор: Во џунглата има место само за еден крал

27. март 2019 - 16:05 | К.З.

Контроверзниот ММА борач Конор Мекгрегор го најави неговото пензионирање од професионалното борење, а човекот кој последен го порази во УФЦ рингот не издржа без да го прокоментира тоа. И Хабиб го искористи Twitter профилот за да му испрати последна порака на Мекгрегор.

Дагестанецот Хабиб Нурмагомедов во октомври го победи Конор Мекгрегор во рингот, а потоа двајцата борачи направија масовна тепачка, поради која беа казнети парично и со временски суспензии.

Медиумите често шпекулираа за потенцијален реванш, но Конор Мекгрегор реши да се пензионира од ММА и со тоа ја затвори можноста за нов дуел против големиот ривал Хабиб. А овој не остана покус, туку веднаш го коментираше пензионирањето на Ирецот.

„Во џунглата има место само за еден крал. Само за еден“, напиша Нурмагомедов на неговиот Twitter профил.

Голем дел од медиумите, па и од фановите на УФЦ, не веруваат дека пензионирањето на Конор Мекгрегор е трајно, туку сметаат дека ова е само маркетиншки трик со кој Ирецот се обидува да изнуди повеќе пари од неговата следна борба.

Коментирај